Петти ден меѓугранични инциденти меѓу Сирија и Турција

Турски војници во близина на граничниот град Акчакале.

Турската артилерија вчера отвори оган кон Сирија, неколку минути откако една граната испукана од сириска страна падна до склад за жито во близина на турскиот град Акчакале. Нема информации за повредени или загинати. Ова е петти ден по ред на меѓугранични престрелки меѓу Сирија и Турција по инцидентот од 3 октомври кога петмина турски цивили загинаа во експлозија на граната истрелана од сириска територија. Проопозициската Сириска опсерваторија за човекови права соопшти дека турските гранати паднале во близина на градот Тел Абиад, каде што сириските бунтовници се бранат од нападите на владините сили.