Затвор поради ширење „позитивна претстава“ за хомосексуалците

Неидентификувани напаѓачи го тепаат Светислав Шеремет, шеф на украинскиот Геј форум во Киев на 20 мај 2012.

Претставниците за човекови права на ОН ги повикаа украинските пратеници да го преиспитаат предложениот закон, според кој луѓето осудени за „промоција на хомосексуалноста“ се соочуваат со затворски казни. Портпаролот на Високиот комесар за човекови права на ОН, Руперт Колвил изјави дека легислативата е „јасно дискриминаторска“ и спротивна на украинските заложби за слобода на изразувањето и на основните човекови права.

Законот кој помина на прво читање во вторникот предвидува затворски казни до пет години за луѓето што јавно ќе шират позитивна претстава за хомосексуалците. Украинските и западните организации за заштита на човековите права го оценија законот како ехо од советско време, кога хомосексуалноста беше кривично дело.

Сè уште не се соопштува дали претседателот Виктор Јанукович ќе го потпише законот ако биде донесен.