Средба Иванов - Додик во Бања Лука

Претседателот Ѓорге Иванов и претседателот на Република Српска Милорад Додик на денешната средба во Бања Лука уште еднаш ги потврдиле пријателските односи и ја истакнале потребата од што поголема економска соработка.
Како што јави известувачот на МИА, шефот на државата на средбата бил информиран за внатрешно политичката и економска ситуација во Република Српска и БиХ. Додик, како што информираат од Кабинетот на претседателот, истакнал дека Република Српска негува пријателски односи кон Република Македонија и го поздравил зголемувањето на економската активност на македонски компании на тендери во Република Српска.

Претседателот Иванов и Додик размениле мислења за состојбата во регионот, а македонскиот претседател нагласил дека поголемата инфраструктурна и енергетска поврзаност и ЕУ и НАТО интеграцијата ќе придонесат за трајна стабилност и просперитет на Балканот.