Делавекурас: Потпишувањето на меморандумот ќе им даде динамика на преговорите

Портпаролот на грчкото МНР Григорис Делавекурас изјави денеска дека потпишувањето на меморандумот ќе го „ослободи потенцијалот на билатералните односи меѓу двете земји и ќе им даде динамика на евро-атлантските амбиции “ .
Тој додава дека „потпишувањето на меморандумот ќе биде убедлив одговор на оние кои шират непријателство, национализам, па дури и омраза“. Делавекурас изјави дека Грција, со испраќање на меморандумот презема важна иницијатива која има за цел да даде нов поттик на мисијата на Метју Нимиц за решавање на прашањето за името.

Тој истакна дека меморандумот не ја заменува Привремената спогодба, но со таа иницијативата на Атина се докажува одлучноста и политичката волја за решавање со меѓусебно почитување на историјата и културата на двете страни.

Предлог- меморандумот на грчките власти стигнал доцна синоќа во македонската Влада. Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев само потврди дека писмото е стигнато и дека ќе биде разгледано со должно внимание и сериозност.

Меморандумот што го испратија грчките власти содржи 6 точки,кои, како што се наведува, се: потврдување на заедничките граници, меѓусебно почитување на интегритетот и независноста на двете земји и потврда дека Скопје и Атина меѓусебно немаат територијални претензии. Атина предлага Грција и Македонија да се согласат дека конечното решение на спорот со името ќе содржи одредница што јасно ќе ја одвои територијата на Република Македонија од регионот Македонија, особено делот од тој регион во северна Грција и оти договореното име ќе се користи од страна на сите и за сите намени.