Владата се уште нема официјална потврда за смртта на македонскиот студент во Солун

Во моментот кога ќе има официјална потврда и став за сите информации, во истиот момент Владата ќе излезе со своја реакција по однос на сите информации и аспекти кои беа лиферувани во јавноста за смртта на македонскиот студент во Солун, изјави денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев. Тој додаде дека преку дипломатски механизми, се преземени сите потребни чекори. Тој побара сите субјекти совесно и одговорно да пристапуваат кон оваа тема затоа што, како што вели, е навистина чувствителна.

Станува збор за смртта на македонскиот студент во Солун, кој наводно во петокот бил претепан од членови на грчката националистичка партија „Златна Зора“.
Македонските медиуми кои ја објавија информацијата, се повикуваат на она што братучедот на наводно починатиот студент го напишал на својот Фејсбук профил, односно дека неговиот роднина лежи во болница во животна опасност.

„Згрозени сме од она што го слушнавме во текот на изминиот ден пласираното во јавноста. Но, во овој момент се уште нема официјална потврда за тие информации“ изјави на денешната прес-конференција Ѓорѓиев.