Нимиц: можно интензивирање на разговорите за името

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов синоќа во Њујорк разговараше со специјалниот посредник на Обединетите нации во разговорите за името Метју Нимиц кој оценил дека е добро што двете страни во спорот сакаат интензивирање на разговорите. Нимиц најави дека тоа е можно во наредните месеци и оти генералниот секретар Бан Ки Мун бил особено заинтересиран за ова прашање. Македонскиот претседател Иванов пак, оценувајќи дека разговорите излегле од рамката поставена од резолуциите на Обединетите нации и Времената спогодба додаде: „Со ова прашање се блокирани нашите стратегиски цели и тоа не оптоварува. Грција нема никаков товар од тоа. Не чувствува потреба да го стави на врв на агендата ова прашање“. Инаку, грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос осврнувајќи се на обраќањето на претседателот Ѓорѓе Иванов на Гененарлното собрание изјави дека Грција верува оти решението е во фер договор и оти името треба да биде со географска одредница и за севкупна употреба: „Прашањето за името на поранешната југословенска република Македонија е поголемо од неговата семантичка диманзија и е важен дел од мозаикот на смирување на иредентистичките тенденции и обидите за фалсификување на историјата на нашиот регион. Бев информиран за тоа што го кажал претставникот на поранешната југословенска република Македонија денес во генералното Собрание. Искривувањето на реалноста пред целата меѓународна заедница и користењето на реторика од 19 век во 21 век е контрапродуктивно и не води никаде.“ Претседателот Иванов претходно изрази очекување генералниот секретар да го искористи својот авторитет да ги деблокира преговорите. „Најдобар начин да се дојде до решение е да се почитуваат Повелбата на Обединетите нации, Времената спогодба, и пресудата на Меѓународниот суд на правдата“ изјави Иванов на генерлното собрание на Обединетите нации.