Груевски -продолжуваме конструктивно за изнаоѓање на решение на спорот

Премиерот Никола Груевски.

Премиерот Никола Груевски на седницата во Собранието посветена на пратенички прашања рече дека во писмото кое му го испратиле на грчкиот колега Андонис Самарас понудиле два модела за решавање на спорот за името.

„Понудивме директно да се фокусираме на главното прашање и доколку така не сакаaт, да почнеме со други прашања од типот вклучување на договор за одбегнување двојно одданочување, нов граничен премин и други 7-8 прашања со кои би ги почнале разговорите и би ја подобриле генералната атмосфера и веднаш по тоа да преминеме на главното прашање“, рече Груевски, одговарајќи на прашањето на пратеникот Влатко Ѓорчев, за тоа кој е одговорот кој македонската Влада го упатила до грчката страна.

Премиерот посочи дека во писмото предложиле и датуми за средби и додале оти и надвор од тоа, на било кое место и во било кое време би биле присутни за да изнајдат решение.

„По подолго чекање добивме одговор. Она што излезе во јавноста е главниот дел од одговорот на Самарас и тој е доволно јасен. Секој што ќе го прочита ќе го сфати и ќе му биде сосема јасно каква е волјата од другата страна“, вели Груевски. Како и да е, рече премиерот, Владата ќе продолжи по својот евроатлантски и европски пат и натаму ќе работи да обезбеди колку е можно подобар извештај од Европската комисија.