Средбата Бан Ки Мун - Ѓорге Иванов

Средба на претседателот Ѓорге Иванов со Генералниот секретар на ОН Бан Ки Mун во Њујорк.

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Mун и претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба разговарале за редица прашања, а меѓу нив и за состојбата во која се наоѓаат преговорите за спорот околу името меѓу Македонија и Грција, се наведува во кусото соопштение од Канцеларијата на портпаролот на Генералниот секретар на ОН.

Во соопштението стои дека „Генералниот секретар ја повторил важноста од придвижување кон одлуки што ќе го разрешат прашањето експедитивно и на обострано прифатлив начин“.

МИА јавува дека на средбра Бан Ки Mун го информирал претседателот за разговорот што го водел со грчкиот премиер Андонис Самарас, за спорот меѓу Македонија и Грција за името.

Претседателот Иванов по средбата изјавил дека од Генералниот секретар добил ветување дека повторно ќе разговара и со Нимиц, за да може да се интензивира дебата за името, која трае 19 години.

„Ние како држава не можеме да чекаме уште 19 години, да се истоштуваме во еден ирационален спор кој е единствен во историјата на ОН, изјавил претседателот Иванов по средбата со Бан Ки Mун.