Деманти на Атина во врска со средбата Попоски, Аврамопулос

Средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција Никола Попоски и Димитрис Аврамопулос. 24.09.2012

Властите во Атина ги демантираа информациите во македонските медиуми, според кои, шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос на средбата со македонскиот колега Никола Попоски во Њујорк изнесол мислење дека Македонија нема територијални претензии кон Грција. „Ова е неточно и вакво гледиште никогаш не беше изнесено. На состанокот меѓу двајцата министри, што се одржа на барање од министерот за надворешни работи на ПЈРМ, и што беше од запознавачка природа, присуствуваа претставници на високо ниво од двете страни и таква изјава не беше дадена. Ова најверојатно е добропознатата тактика на Скопје да креира сензации за домашна употреба, што ја потврдува оценката дека не покажуваат искрени желби и намери да се најде решение", изјави портпаролот на министерството Григорис Делавекурас. Според него, Аврамопулос рекол дека национализмот и популизмот може да донесат привремена политичка добивка, но секогаш водат кон конфликт и катастрофа.