Ставрески - има пари во буџетот за најавениот пакет мерки

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески..

Ветувањата за отплата на обврските кон стопанството, зголемувањето на пензиите и социјалната помош се направени по прецизни анализи и во буџетот за наредната година ќе бидат ставени точни износи за нивно финансирање, рече вицепремиерот и минитер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарско прашање во врска со вчерашниот пакет мерки објавен од премиерот Никола Груевски на средба со стопанствениците.

„Ја конципиравме основата на фискалната политика и буџетот за следната година. Откако го направивме тоа и бевме сигурни дека имаме одржлив начин на финансирање на буџетот, дека и со тие ветувања ќе останеме во рамки на фискалната дисциплина која е карактеристична на нашата Влада и нашата земја, го дадовме тоа ветување. Во буџетот направени се прецизни пресметки и ќе бидат ставени точни износи за сите овие потреби и за сите работи што беа навестени вчера од премиерот“, изкави министерот Ставрески.

Тој рече дека за годинава не се планира ребаланс на буџетот, дека нема да има дополнително задолжување за годинава и оти има доволно средства за да се исфинансира буџетот за оваа година толку колку што е потребно.