Во март повисоки пензии

Зголемувањето на пензиите за околу 7 проценти што вчера го најави премиерот Никола Груевски ќе се реализира со исплата на февруарските пензии во март, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

„Пензионерите практично во март ќе ги добијат покачените пензии онака како што ветивме. Тоа ќе се однесува на февруарската пензија што ќе ја земат во март. Пензионерите и социјалците ќе бидат категорија на граѓани кај кои нема да има замрзнување на ветените покачувања“, рече министерот Ристовски.

Од март 2013, како што најави вчера премиерот, се зголемуваат и социјалните трансфери, односно социјалната помош за ранливите категории граѓани.