Лекарите утре ќе протестираат половина час

Архивска фотографија- Министерот за здравство Никола Тодоров во посета на битолската болница.

Министерот за здравство Никола Тодоров и претставниците на синдикатите за здравство се договорија утре да се одржи протестот на лекарите за време на паузата во кругот на установите, а потоа да почнат да дискутираат за надминување на проблемите.

„Немам намера со ништо да го ограничам протестот кој е закажан за утре. Сметам дека протестот на начинот на кој е закажан ќе го реализира уставното право на синдикатите да манифестираат незадоволство од определени одлуки“, изјави по денешната средба со претставниците на синдикатите, министерот Тодоров.

Тој рече дека е задоволен затоа што протест нема да се реперкуира на граѓаните, односно врз редовното функционирање на здравствените установи.

Горан Мицевски од Синдикатот за здравство „Мајката Тереза“ рече дека остануваат на ставот дека преговорите треба да продолжат во однос на сите барања, а тоа се модификација на системот, плаќање по учинок, зголемување на платите и нови вработувања.