Иванов ја почна посетата на САД со средба со македонската дијаспора

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов во Охрид. 25 јули 2012

Претседателот Ѓорге Иванов посетата на САД ја почна со средба со македонските иселеници во Њу Џерси. Тој е во посета на САД каде ќе учествува на 67. Генерално собрание на Обединетите нации.
На средбата, покрај голем број Македонци од Њу Џерси, присуствуваа и политичари од оваа држава, јави МИА.
Претседателот Иванов денеска ќе ја посети црквата „Свети Никола“ во градот Тотова. Утре, Иванов патува во Бостон, каде ќе одржи предавање на елитниот универзитет „Харвард“, на темата „Македонските интеграции, и почитувањето на различностите во Република Македонија“.
Иванов ќе се обрати на генералното Собрание на ОН во четврток. Во рамките на посетата, тој ќе се сретне со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун.
Претседателот Иванов, покрај билатералните средби во Њујорк, ќе присуствува на приемот на претседателот на САД Барак Обама, како и на свеченото отворање на новите простории на Европската Унија при ОН во присуство на претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.
Македонската делегација, во која е и министерот за надворешни работи Никола Попоски, ќе се сретне со посредникот во разговорите за името амбасадорот Метју Нимиц, а министерот Попоски ќе оствари средба и со шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос.