Претседателот на ПССЕ Мињон: Вељаноски настапи под ПЈРМ

Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Жан-Клод Мињон, по реакциите за употребата на уставното име на Република Македонија пред настапот на претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски на Конференција во Стразбур, попладнето испрати соопштение во кое се наведува дека тој ја претставува „Поранешната југословенска Република Македонија“.
„Жан-Клод Мињон сака да подвлече дека Г. Трајко Вељановски настапи на Конференцијата како Претседател на Парламентот на ,Поранешната југословенска Република Македонија“, стои во соопштението од Кабинетот на Претседателот на ПССЕ, јави МИА од Стразбур.
Реакцијата на Мињон, доаѓа откако беше објавена веста дека тој го повика Вељановски да се подготви како иден говорник кој доаѓа од Република Македонија.
Одредени дипломати во ваквото „неформално“ обраќање на Претседателот на ПССЕ видоа промена на ставот во однос на прашањето за името, по што веднаш реагираа до неговиот Кабинет.
Делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот Трајко Вељановски на Конференцијата на претседателите на парламентите од европските земји, учествува под привремената референца „Поранешна југословенска Република Македонија“ под која земјата е примена во Советот на Европа.