Бесими- Членството во НАТО ќе ја сочува Македонија од „балканизацијата“

Ефектите од членство во НАТО и ЕУ се политички и економски, односно поголема политичка стабилност и поголем економски раст, подобрени перспективи за подобар животен стандард, рече министерот за одбрана Фатмир Бесими на предавањето на Воената академијa, на тема „Влијанието на евро-атланските интеграции врз економијата на Балканот и Република Македонија“.

Очекуваните придобивки од приемот во НАТО и ЕУ, според него, вклучуваат зголемување на трговијата и инвестициите. Тоа ќе создаде нови работно места и ќе го подобри животниот стандард. Овие позитивни ефекти ќе бидат зајакнати и со интеграцијата во еден поширок пазар, како што е НАТО и ЕУ.

Секое натамошно пролонгирање на овој процес и доцнењето на придобивките споредени со трошоците ги зголемуваат аргументите на скептиците наспроти оптимистите за европската и атланаска иднина на Балканот, рече министерот за одбрана.

Бесими рече дека пролонгирањето ги поттикнува и опциите за националистичка политика на Балканот што може да го доведе регионот до изолација, нестабилност и економски пад.

Членството во НАТО нема да ја премести Република Македонија од Балканот, но ќе ја сочува од „балканизацијата“, рече министерот Бесими.