Ховит апелира за меѓусебно почитување

Средба на известувачот на Европскиот парламент за Македонија Ричард Ховит со министерот за локална самоуправа Невзат Бејта.

Известувачот на Европскиот парламент за Македонија Ричард Ховит по денешната средба со министерот за локална самоуправа Невзат Бејта, одговарајќи на новинарско прашање за преименувањата на училиштата во Општината Чаир, рече дека секоја страна треба да биде свесна за чувствата на другиот.

„Разбирам дека се работи за чувствително прашање. Најконструктивното нешто што можам да го кажам е дека секоја страна треба да биде свесна за чувствата на другиот. Мислам дека нема потреба јас да кажувам нешто повеќе за тоа“, изјави Ховит.

Прашан за коментар во однос на разногласието меѓу општината и Државниот просветен инспекторат околу законитоста на преименувањата, министерот Бејта изјави дека чаирскиот градоначалник постапил според законот.

„Ние денеска зборувавме за децентрализацијата и во рамки на децентрализацијата постапил и градоначникот на Општина Чаир“, рече Бејта.

Ховит и Бејта на состанокот разговараа за напредокот на Македонија во спроведувањето на процесот на децентрализација, како еден од клучните политички критериуми за членство во Европската унија.

Според агендата, Ховит денеска и утре во Скопје ќе има средби со претставници на македонската Влада, на политички партии и на граѓанскиот сектор.