СДСМ обвинува дека власта ги искористува институциите

СДСМ денеска обвини дека власта го злоупотребува судството, има селективен пристап во владеењето на правото и преку државните институции се пресметува со политичките неистомисленици.

Според партијата, потврда за ова се последните случувања со штрајкот во здравството и поставувањето табли на училиштата во општина Чаир.

„Доколку во Македонија имаше демократско општество и владеење на правото, таблите на училиштата во Чаир досега ќе беа извадени, бистите ќе беа вратени, а прекршителите казнети. Од друга страна, министерот за здравство Тодоров наместо да ја троши целата своја енергија во формирање на паралелни синдикати и злоупотреба на институциите и судот за да го спречи штрајкот, ќе се потрудеше да седне на маса со лекарите и преку договор со нив ќе ја постигнеше својата цел, рече потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев.

Македонија е правна држава што подразбира почитување на институциите на системот и почитување на законите и правата кои произлегуваат од нив, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на прес-конференцијата на Гордан Георгиев.