Протести во Либан против филмот за Мухамед

Архивска фотографија.

Илјадници демонстранти протестирале денеска низ Бејрут во знак на протест против филмот со кој се исмева пророкот Мухамед. Лидерот на Хезболах Сајед Хасан Насралах кој ретко се појавува во јавност, денеска им се обратил на демонстрантите велејќи дека „ протестите ќе продолжат се додека овој филм не биде отстранет од интернет.“ Тој предупреди дека САД „ќе се соочат со многу опасни последици во целиот свет“, ако филмот се „емитува“ во целост.

Собирите во Либан беа мирни во споредба со другите протести кои го потресоа целиот исламски свет. Денеска две лица загинаа во Пакистан по судирите со полицијата. Во Кабул, демонстрантите палеа автомобилски гуми и фрлаа камења кон американската воена база. Во Џакарта, стотици демонстранти се судрија со полицијата, фрлајќи молотови коктели пред да бидат растерани. Во Азербејџан, околу 20 демонстранти се уапсени пред американската амбасада.