И денеска насилни протести во муслиманскиот свет

Протестите против контроверзниот филм со кој се исмејува пророкот Мухамед, продолжуваат и денеска во земјите од муслиманскиот свет. Едно лице загинало во северо-западен Пакистан во престрелка меѓу демонстрантите и полицијата. Неколку стотици луѓе на демонстрациите во Кабул извикувале анти-американски слогани, палеле гуми и фрлале камења. Во Џакарта, Индонезија, стотици демонстранти фрлале молотови коктели и се судриле со полицијата која ги растерала со водени топови и истрели во воздух. Во Јемен, студенти протестирале пред американската амбасада и барале протерување на амбасадорот. Лидерот на Хезболах Насан Насрала, во Либан повика на целонеделни протести против филмот. Досега во бранот протести во повеќе земји, загинаа 18 лица.