Беџети - Изготвени измени на законите, дел од дијалогот со ЕУ

Министерот за правда Блерим Беџети.

Како дел од обврските преземени од страна на Македонија во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ, Министерството за правда ги изготви предлог закони за Изборниот законик и Законот за финансирање на политичките партии, како и Предлог закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета и Предлог закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, информира денеска на прес-конференција министерот за правда Блерим Беџети.

Со Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик се решаваат некои од препораките содржани во Конечниот извештај, со посебен акцент на приоритетните препораки како одвојувањето на државата од политичките партии, финансирањето на изборната кампања, медиуми и набљудување на изборите, објавување на изборните резултати, постапките за приговори и жалби како и други надградување на недоречености во Изборниот законик, појасни министерот за правда.

Предложените законски решенија за изменување и дополнување на Законот за финансирање на политичките партии, се во насока на имплементацијата на препораките дадени во последниот извештај на Советот на Европа- (ГРЕКО) во делот - „Транспарентност на финансирање на политичките партии“, рече Беџети.


Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, според него, треба да ја гарантираат слободата на изразување и информирање како една одбитните основи на демократското општество. Со нивното донесување, рече, целосно ќе бидат декриминализирани навредата и клеветата.