Почнува 33 Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“

Во Битола вечер свечено ќе биде отворен 33 Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Под мотото „Продолжи да создаваш“, до 21 септември ќе бидат прикажани 74 наслови од светската и македонската кинематографија, од кои 11 се во официјалната конкуренција во трка за наградите „Камера 300“. Фестивалот ќе го прогласи отворен неговиот покровител - претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Првпат во својата историја, „Браќа Манаки“ ќе биде отворен и затворен со македонски филмови во главната програма - вечерва со премиерата на „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, а в петок со „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски. Ексклузивна гостинка е француската филмска дива Катрин Денев која вчера пристигна во Битола, а вечер на свеченото отворање ќе ја прими Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.