Собранието ги прифати измените на Законот за полиција во прво читање

Собранието го усвои заклучок дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција во прво читање е прифатлив за натамошна постапка.
Целта на предложените измени е регулирање на правата и обврските на полициските службеници. Според ресорниот заменик-министер Џељаљ Бајрами, главно се работи за усогласување со решенијата во Законот за кривична постапка.
Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Павле Трајанов предупреди дека во некои одредби се можни злоупотреби на законските овластувања на полицијата. Тој рече дека Министерството за внатрешни работи како предлагач треба внимателно да ги разгледа предложените решенија и со амандмани да се коригираат недостатоците до следната фаза од донесувањето на законот.
Опозицијата оцени дека со законот се менува концептот на функционирање на македонската полиција.