Писмо од Иванов до Обама по терористичкиот напад во Бенгази

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод терористичкиот напад врз дипломатското претставништво на САД во Бенгази, Либија во кој загина американскиот амбасадор, упати писмо со сочувство до американскиот претседател Барак Обама.

„Почитуван претседателе Обама, со длабока тага ја примив веста за терористичкиот напад врз дипломатското претставништво на Соединетите Американски Држави во Бенгази во кој беа убиени американски дипломати и длабоко жалам за загубените животи. Во овие тажни моменти за Вас, за пријателскиот американски народ и за семејствата на настраданите, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое име, да Ви упатам изрази на длабоко сочувство“,

стои во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов.

„Во овие моменти на тага, како што се вели во соопштението, нашите мисли се со Вас и со семејствата на настраданите.Бидете уверени почитуван претседателе, дека Република Македонија ќе продолжи да ги поддржува напорите на Соединетите Американски Држави за заштита на слободата, демократијата и човековите права во светот. Ве молам, почитуван претседателе, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите“, се наведува во писмото кое Иванов го испратил до претседателот Обама.