ЕУЛЕКС ги проверува доказите за трговија со човечки органи на Косово

Полицајци од ЕУЛЕКС.

Портпаролот на Специјалниот истражен тим на ЕУЛЕКС, задолжен за истрагата за трговија со човечки органи во текот на војната на Косово, Јури Лас, денеска изјави дека заради истрагата што е во тек не може да ги открие информациите до кои ЕУЛЕКС дошол.

„Во прашање е истрага што е во тек, а нашата политика е јавно да не ги откриваме информациите за истрагата, доказите, како до нив дојдовме и кој може да биде повикан за сведок“, вели Лас во изјавата за „Дојче веле“.

Лас наведе дека Специјалниот истражен тим на ЕУЛЕКС ги проверува доказите, но дека е се уште рано за се зборува за судски процес.

„Која информација и да дојде до нас ние секако ќе ја провериме, темелно и независно. Ние дефинитивно сме посветени да направиме професионална и темелна истрага и трагите ќе ги следиме, каде и да не однесат“, истакна тој.