Чешка- уште четири луѓе починаа од труење со нелегален алкохол

Најмалку уште четворица луѓе починаа во Чешка, откако пиеле нелегален алкохол во кој имало големо количество метанол, со што бројот на жртви во најсмртоносниот случај на труење со алкохол во земјата во последниве три децении, се искачи на седум. Уште 22 луѓе се во болница, од кои неколкумина се во критична состојба. Премиерот Петр Нечес оцени дека ситуацијата е многу сериозна и рече дека побарал од министерствата за земјоделство, здравство и внатрешни работи да го информираат за мерките што се преземени да се спречи натамошно нарушување на здравјето на граѓаните. Полицијата веќе уапси 36-годишен маж во врска со случајот. Властите започнаа голема проверка по рестораните, баровите, продавниците за алкохол и маркетите во обид да се најде потеклото на нелегалниот алкохол.