Со повисоки даноци за богатите, Обама ќе бара нов мандат за претседател

Започна тридневната национална конвенција на американската Демократска партија во Шарлот, Северна Каролина. Тридневниот состанок ќе кулминира утре кога претседателот Барак Обама и официјално ќе ја прифати кандидатурата за уште еден 4-годишен мандат за претседател на САД. Потпретседателот Џо Бајден повторно ќе биде кандидат за потпретседател.

Обама на ноемвриските избори ќе се соочи со поранешниот гувернер на Масачусец, Мит Ромни кој е кандидат за претседател на Републиканската партија.

На отворање на конвенцијата на демократите се обрати првата дама на САД Мишел Обама, а денеска ќе зборува и поранешниот претседател Бил Клинтон. Првата дама го пофали нејзиниот сопруг како посветен сопруг и грижлив татко дома и како „човек на кој може да му веруваме“ дека ќе ја оживее слабата економија на земјата како претседател.

Делегатите на конвенцијата претходно ја усвоија политичката платформа која предвидува повисоки даноци за богатите Американци и со која се поддржуваат правата на истополови бракови и на абортус. Платформата предвидува ставање крај на учеството на САД во војната во Авганистан од 2014 година и спречување Иран да развие нуклеарно оружје.