Бројот на жртви во Сирија е запрепастувачки

Пратеникот на ОН и на Арапската лига за Сирија, Лахдар Брахими.

Пратеникот на ОН и на Арапската лига за Сирија, Лахдар Брахими, рече дека бројот на жртви во Сирија е запрепастувачки и оти уништувањата од војната се катастрофални. Во неговото прво обраќање пред Генералното собрание на ОН, тој рече за неколку дена ќе патува во Дамаск и оти е неопходно итно донесување заеднички меѓународен став за Сирија.

Брахими беше назначен за пратеник за Сирија минатиот месец, откако неговиот претходник Кофи Анан поднесе оставка по неуспехот на неговиот мировен план.

Во меѓувреме, генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун ги обвини земјите што испраќаат оружје во Сирија за ширење на несреќата. Тој не спомена конкретни земји, но Русија е главен снабдувач со оружје на режимот на претседателот Башар ал-Асад.

Претходно, агенцијата за бегалци на ОН соопшти дека околу 100 илјади луѓе избегале
од Сирија само минатиот месец.