Презентиран генералниот профил на педофилот во Македонија

Генералниот профил на педофилот во Македонија покажува дека тоа е маж на просечна возраст од 35 години, најчесто со завршено основно образование и невработен, претежно потекнува од урбана средина, со формирана брачна заедница и е родител. Овој профил произлегува од анализата на податоците од Посебниот регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, што ја презентира денеска на прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Најзастапени кривични дела, со 67 проценти, се за полов напад врз малолетник кој не наполни 14 години, за трговија со малолетно дете, со 21,3 проценти, родосквернавење со 5,8 проценти и подведување и овозможување полови дејства со 4,8 проценти.

Најстрогата казна за сторителите на сексуална злоупотерба на деца е во висина од 15 години за полов напад врз малолетник и за родоскевранвење. Но, во просек најчесто изрекувана е казната затвор во траење од 4 години. За трговија со дете највисока е казната затвор од 8 години, а најниска изречена казна е година затвор и е изречена само во 1,9 проценти од вкупниот број, рече Ристовски.