НБРМ останува на политиката на стабилен курс на денарот

Гувернерот на НБРМ Димитар Богов.

Народна банка останува доследна на политиката на стабилен курс на денарот кон еврото и одржувањето ниска инфлација на нивото на инфлацијата во евро зоната, изјави гувернерот на Народна банка Димитар Богов во писмена изјава. Тој ги отфрла како несериозни шпекулациите за девалвација на денарот.

„Очигледно, некој сака да удри таму каде што сме најсилни, во макроекономската стабилност и стабилноста на банкарскиот систем“ стои во неговата изјава.

Девизните резерви се на историски највисокото ниво од 2,1 милијарда евра, НБРМ во последните два месеца исклучиво го откупува вишокот девизи на девизниот пазар, а денарското штедење на граѓаните продолжува да расте и на крајот на јули достигна 48 отсто од вкупното штедење на граѓаните, вели во изјавата Богов.