Британија вознемирена од случувањата во Сирија

Британија е „длабоко загрижена“ за „суровиот масакар на цивили“ во сирската област Дараја, каде според податоците на активистите се пронајдени 320 тела на жртви, соопшти денеска британското министерство за надворешни работи.

„Шокантната репресија на сирискиот режим врз сопствениот народ, која трае веќе 17 месеци, го отежнува утврдувањето на ситуацијата во Дараја“, наведуваат од Министерството.

Сириските опозициски групи тврдат дека повеќе од 300 луѓе, меѓу кои и жени и деца се убиени во нападите во тој град.

„Ако наодите за тој масакар се потврдат, тогаш ќе треба тоа да се осуди од целата меѓународна заедница“, велат британските власти.

Активистите за човекови права во Сирија велат дека се пронајдени 320 тела во Дараја, и дека жртвите се убиени првите денови од воената акција на сириските власти против бунтовниците, која започна на почетокот на оваа недела.