Охридски маратон сепак ќе има

Триесет пливачи од сите пет континенти ќе учествуваат во 26-от Меѓународен охридски пливачки маратон што в недела ќе се плива на патеката „Климе Савин“ на Охридското Езеро. Шестчлената македонска експедиција ја сочинуваат само мажи. И ова маратонско издание ќе мине без македонска преставничка во женска конкуренција.

Стартот на трката е закажан за в недела 19 август точно на пладне кај Свети Наум, а првите маратонци на целта кај Градското пристаниште во Охрид се очекуваат 5 часа подоцна.

Рекордот на 30-километри долгата патека го држи Игор Мајцен од Словенија со резултат (5:19:49) постигнат во 2000 година.

Охридскиот пливачки маратон е седми од 12-те трки во рамки на „Гран-при 2012“ серијата на Меѓународната пливачка федерација, а се одржува под покровителство на Претседателот Ѓорге Иванов. До пред неколку дена стартот на маратонот беше неизвесен, поради пари.