Попоски-Македонија сака исчекор за решавање на спорот со Грција

Македонија има намера да направи што е можно поповолна клима за да има какво било придвижување во насока на решавање на наметнатиот спор од Грција по однос нашето уставно име. Нашата цел е дефинитивно да има исчекор и ова неразумно и неоправдано блокирање на македонското интегрирање во рамки на ЕУ и НАТО кое ни го има наметнато Грција со блокадата врз основа на спорот да биде надминато и отстрането, изјави денеска во Охрид министерот за надворешни работи Никола Попоски.
„Со реторика со која едноставно само се префрла топката, а ништо конкретно не се прави за надминување на спорот од страна на Атина, под закрила дека има повисоки приоритети за кои ние сме сосема свесни, мислам дека е целосно неоправдано“, вели Попоски.
Негова оценка е дека од аспект на европската интеграција треба да се излезе конкретно со поддршка на отпочнување на преговорите, од аспект на НАТО исто така час поскоро треба да се избегне нелегалната опструкција од страна на Грција.
Доколку не дојде до каква било средба со претставници на Атина пред престојното Генерално собрание на ОН, Попоски рече дека Македонија ќе продолжи со својот конзистентен настап, на земја која сака да биде дел од НАТО и ЕУ.