Израел со СМС пораки ќе информира за ракетен напад

Израелските власти почнаа да тестираат нов систем преку кој граѓаните со СМС пораки ќе бидат информирани за непосреден ракетен напад на земјата. Системот треба да им испраќа СМС пораки на хебрејски, арапски, англиски и на руски јазик на претплатниците на трите најголеми мобилни оператори во земјата. Системот што треба да профункционира наредниот месец е наменет да ги заштити цивилите во случај на напад од Иран или од милицијата на Хезболах од Либан. Израел се сомнева дека Иран, под превезот на цивилна нуклеарна програма, се обидува да направи атомска бомба, а размислувањата за можен превентивен израелски напад врз иранските нуклеарни постројки стануваат сè погласни. Иран негира дека се обидува да направи атомска бомба.