Kамерунски олимпијци „исчезнаа“ од Олимпиското село во Лондон

Седумина спортисти од олимпискиот состав на Камерун „исчезнаа“ од Олимпиското село во кое се сместени сите учесници на лондонската Олимпијада.
Претставник на олимписката делегација на оваа африканска земја потврди денеска дека нивните спортисти излегле од Олимпиското село и повеќе не се вратиле.
Организацискиот комитет на Олимпијадата верува дека зад нивното исчезнување не се крие ништо криминално, како и дека најверојатно ништо не им се случило, туку спортистите побегнале за да не се вратат во Камерун и да останат да живеат „некаде во Европа“ потикнати од тешката економска состојба во нивната земја.
Меѓу „исчезнатите“ се наоѓаат петмина боксери, еден пливач, како и голманот на женската фудбалска репрезентација на Камерун.
Ова не е прв случај да биде пријавено исчезнување на некои од олимпијците, дојдени на Олимписките игри во Лондон. Претходно, тројца судански спортисти побегаа од својата олимписка репрезентација, а како „исчезнат“ уште од јуни се води и еден спортист од Етиопија, кој не се врати во хотелот во Нотингам, каде се наоѓаше на подготовки.