Забрана за работа за непочитувачите на препораките за заштита од топлото

Државниот инспекторат за труд, при денешните контроли издаде 24 решенија за забрана на работа и 7 решенија за констатирани недостатоци од Закон за безбедност и здравје при работа поради утврдена непосредна опасност по здравјето на вработените заради високи температури и зголемено УВ зрачење.

Инспекторатот, како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, денеска до 14 часот изврши 77 инспекциски надзори од областа на безбедност и здравје при работа.

Надзорите продолжуваат и утре и доколку се утврди непочитување на забраните ќе следуваат и прекршочни пријави од трета категорија во висина од 5.000 до 8.000 евра за правниот субјект и 500 до 1.000 евра за одговорното лице на правниот субјект. Исто така, за утврдени други недостатоци и непреземени мерки согласно со Законот и подзаконските акти, ќе се изрекуваат соодветни прекршочни пријави, најавуваат од Министерството за труд и социјална политика.