Бугарија ќе истражува за измамените работници во Шведска

Во Бугарија се покренати повеќе истражни постапки поради кривични дела трговија со луѓе, откако во Шведска во текот на летово неколку стотици бугарски работници беа измамени. Официјални лица во Софија сметаат дека сезонските берачи на ситно овошје биле жртви на организирана трговија со луѓе.

Шведската телевизија интервјураше повеќемина берачи на ситно овошје кои сега се вратиле назад во Бугарија. Тие раскажуваат како еден маж ги наговорил да тргнат со него во Шведска и им ветил голема заработка, но без да потпишат договор.

Бугарските работници, кои неодамна протестираа пред бугарската Амбасада во Стокхолм, барајќи да им се овозможи автобуски превоз да се вратат дома, претходно беа сместени во неколку кампови и општински сали каде што месното население им помагало со храна. Некои од нив велат дека биле принудени да бараат храна и во контејнери.