Пратениците од утре на годишен одмор

Пратениците од утре се на тринеделен годишен одмор. Попладнево изгласаа уште неколку закони од 37. седница, која претседателот Трајко Вељаноски ја прекина и закажа нова за 21 август.
По скратена постапка и едногласно го донесоа Законот за задолжување на Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) по Договорот за заем за проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, фаза 1 - делница Куманово-Бељаковце“.

Собранието попладнево го донесе и Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, од кој најмногу полемика меѓу пратениците од власта и од опозицијата предизвика член 6 за екстерно тестирање на ученици.

Во попладневниот дел од 37. седница беше донесен и Законот за изменување и дополнување на Законот за кривична постапка, со кој се предвидува одложување на примената на Законот за кривичната постапка за две години освен за кривични дела во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на специјализираното судско одделение за судење за дела од областа на организираниот криминал и корупцијата при Основниот суд Скопје 1 Скопје.