Оланд - Кога Франција ќе има Олимпијада ќе биде насочена кон злато, а не кон профит

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека кога Франција ќе биде домаќин на Олимписките Игри, таа повеќе ќе се насочи кон освојувањето златни медали, отколку кон собирањето пари од спонзорите и компаниите. Oланд го помина вчерашниот ден во Лондон во Олимпискиот Парк, следејќи ги успесите на француските пливачи.Тој притоа најави дека Париз, но и некои други француски градови, ќе се пријават за организирање на Игрите во 2024 година.

„Не сум во Лондон за да ја промовиран кандидатурата на Франција, но знам дека Французите ќе имаат силна понуда за Олимпијадата за 12 години“, истакна Оланд.

Во разговор за „Дејли Телеграф“, францускиот претседател реагираше на расправијата во британската јавност за празните седишта на трибините во олимписките борилишта, откако се разбра дека станува збор за седишта што треба да ги користат бројните спонзори и компании кои имаат добиено влезници кои сега не ги користат. Според Оланд, организацијата на лондонската Олимпијада е многу добра, но кога Франција ќе биде домаќин нема да води толку сметка за компаниите, насочувајќи се секаде да има полни стадиони и што е можно повеќе злато.