Продолжува жестоката битка за Алепо

Бегалци од Алепо.

Експлозии и истрели од огнено оружје го тресат вториот по големина град во Сирија, Алепо, откако владините сили ги нападнаа бунтовниците што пред неколку дена ја презедоа контролата врз градот. Сириската армија соопшти дека ја вратила контролата врз југозападното предградие Салахедин. Агенцијата Ројтерс објави дека бунтовниците сè уште контролираат голем дел од Алепо и оти владините сили го напаѓаат градот со хеликоптери.

Сирискиот министер за надворешни работи Валид ал-Муалем вчера ненајавено го посети главниот сојузник Иран и на зедничката прес-конференција со неговиот ирански колега Али Акбар Салехи рече дека бунтовниците „дефинитивно ќе бидат поразени“. Салехи, пак, оцени дека конфликтот во Сирија се влошува и предупреди дека падот на режимот на Башар ал-Асад ќе предизвика последици во регионот, но и во целиот свет.

Во меѓувреме, шефот на опозицискиот Сириски национален совет Абдулбасет Саида побара од странските држави да ги вооружат бунтовниците. ОН соопштија дека во изминативе два дена околу 200 илјади луѓе го напуштија Алепо.