Груевски - Црвенковски ќе доживее нов пораз

Премиерот Никола Груевски.

Бранко Црвенковски е веќе избркан од политичката сцена во Македонија, меѓутоа одбива да ја прими таа информација и затоа ќе мора да претрпи уште неколку порази додека сериозно да ја разбере пораката од граѓаните и да си замине од СДСМ, рече премиерот Никола Груевски коментирајќи ја изјавата на Црвенковски дадена во Охрид дека е време за пребројување.

„Народот си ја врати државата кога го избрка од власт Бранко Црвенковски, но тој тоа уште не го сфаќа. Тој не сфаќа дека СДСМ нема да просперира додека тој е на чело и нема народот да му дозволи повторно да ја одземе државата од граѓаните“, рече Груевски и додаде дека Црвенковски живее во свој свет, во свој филм и дека постојано е склон кон поделби.

Црвенковски синоќа од Охрид порача дека следните локални избори се -да се биде или не за Македонија и затоа граѓаните не смеат веќе да се колебаат туку да одлучат во каква држава сакаат да живеат, во минато или иднина.

„Време е за решавачка битка. Не чека референдум за нашата иднина, локални избори од кои се ќе зависи. Ако нив ги добиеме готово е, тие ќе си одат и од власт и од нашите животи. Сега е да се биде или не и затоа нема место за колебање, пазари и ценкање“, рече во својот говор Црвенковски.

Според него Македонија се наоѓа во многу комплицирана ситуација, која долго не е одржлива и дека се лажат сите кои мислат дека некој од надвор ќе ги реши проблемите на државата.