Референдум во Романија за отповикување на Басеску

Во Романија денеска се одржува референдум на кој Романците се изјаснуваат за отповикување на претседателот Трајан Басеску. Басеску е суспендиран од страна на парламентот по серијата чекори што доведоа до предупредувања од страна на Европската унија и САД дека демократијата се уништува. Централно-левичарската влада на премиерот Виктор Понта го обвинува Басеску за пречекорување на неговиот авторитет и за мешање во владините работи. Басеску негира и повика на бојкот на референдумот. Ако излезноста на гласачите е помала од 50 проценти, референдумот ќе биде прогласен за неважечки и Басеску ќе се врати на функцијата. Но ако референдумот успее, Романија ќе мора да организира нови претседателски избори.