Жолта фаза - избегнувајте престој на отворено

Топлотен бран од жолта фаза утре ќе ја зафати територијата на цела Македонија, информира Министерството за здравство. Тие посочуваат дека согласно Акцискиот план, здравствените институции се подготвени на евентуалниот зголемен број на пациенти поради влијанието на високите температури. Министерството препорачува луѓето да се заштитат од дирекна изложеност на сонце и да избегнуваат престој на отворено од 11 до 16 часот, да консумираат лесна храна и течности, да не забораваат на хигиената на раце и хигиенски начин на подготовка на храна, а хронично болните редовно да ја примаат терапијата.

Времето утре ќе биде сончево и многу топло, а попладне со мала до умеренa локална облачност и на места ќе дува засилен ветер. Температурата ќе се движи од 31 до 41 степен. Во Скопје и околината ќе преовладува слично време со температура до 39 степени. Индексот на УВ-факторот ќе биде 9.