Басеску ги повика Романците на бојкот на референдумот

Суспендираниот романски претседател Трајан Басеску.

Суспендираниот романски претседател Трајан Басеску синоќа повторно ги повика граѓаните да го бојкотираат референдумот кој ќе се одржи утре и на кој ќе се одлучи дали тој ќе се врати на функцијата или ќе биде конечно отстранет.

„Ги повикувам Романците да не учествуваат на овој референдум, зад кој некои неодговорни политичари се обидуваат да прикријат државен удар“, изјави Басеску.

Резултатот од референдумот ќе биде важечки само ако на гласање излезат повеќе од 50 проценти од граѓаните со право на глас.

Басеску тврди дека владејачкиот Социјал-либерален сојуз ќе се обиде да направи изборна измама, наведувајќи ги како доказ продолжениот изборен ден (од 7 до 23 часот), нејасните избирачки списоци и одлуката на Владата да отвори дополнителни избирачки места во ресторани, барови и хотели.

Времениот вршител на должност шеф на државата Крин Антонеску, пак, ги повика граѓаните да излезат на гласање, бидејќи тоа е нивно основно право.