МНР го поздрави назначувањето на прв претставник на ЕУ за човекови права

Ставрос Ламбринидис.

Министерството за надворешни работи на Македонија го поздрави назначувањето на првиот Специјален претставник на Европската унија за човекови права Ставрос Ламбринидис, кој е поранешен министер за надворешни работи на Грција и член на Европскиот парламент.

„Со именувањето на Специјален претставник, ЕУ испраќа силна порака за нејзината посветеност за понатамошно унапредување на човековите права и основните слободи како во Европа така и во глобални рамки. Ставрос Ламбринидис, со својот политички профил и искуство ќе даде видливост на оваа значајна политика на ЕУ, која има свој одраз во сите политики на Унијата. Ова значајно именување во рамките на Европската унија претставува признание, но и поттик за Република Грција и за регионот на Југо-источна Европа за понатамошно унапредување на човековите и малцинските права, демократијата и владеењето на правото“, се вели во соопштението од МНР.