Атина: Груевски со заморна пропаганда за домашна употреба

Атина

Грција постојано ја докажува својата подготвеност за изнаоѓање решение за прашањето за името во рамките на преговорите како што е предвидено со резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и како што е нагласено во пресудата на Меѓународниот суд на правдата, соопшти грчкото МНР како одговор на соопштението по средбата на македонскиот премиер Никола Груевски со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун. ,,Господинот Груевски го поздрави формирањето на новата грчка Влада со навредливи напади и неосновани обвинувања. Од наша страна, ние нема да се впуштиме во вештачко затегнување на односите кое Груевски се обидува да го испровоцира за домашни политички цели. Ние го наведуваме очигледното: дека со цел постигнување на решение, Грција бара веродостоен и искрен соговорник. Скопската страна ќе треба ова да го покаже во пракса,, се вели во пишаната изјава на портпаролот на грчкото МНР Грегори Делавекурас. Според него, „постојаната, заморна пропаганда за домашна употреба“ која е содржана во соопштението од канцеларијата на премиерот, „покажува дека Груевски не го искористил состанокот со генералниот секретар на ОН за да постигне напредок“. Делавекурас тврди дека премиерот Груевски „се обидел да го злоупотреби состанокот и уште еднаш се обидел да ја промовира познатата пропаганда за неефикасноста или неволноста на грчката страна“.