Скопје одбележува 49 години од катастрофалниот земјотрес

Скопје денеска ја одбележува 49-годишнината од катастрофалниот земјотрес во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени. Предвидено е домашни и странски делегации да положат цвеќе пред споменикот на жртвите во скопскиот земјотрес, на градските гробишта во Бутел. Во Домот на АРМ ќе се одржи традиционална крводарителска акција, а во Музејот на Град Скопје ќе биде отворена изложбата „Првиот новинарски извештај од разурнатото Скопје“. Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.