Груевски подготвен за интензивни разговори со Грција

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун се сретна со премиерот Никола Груевски во Скопје.

Македонија е подготвена за продолжување на динамизирани разговори за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот со името, во случај Грција во блиско време да може да најде простор за разговори и одлука, а ако тоа не го стори, потребно е да се деблокираат процесите преку почитување на одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг и Времената спогодба од 1995 година, му порачал македонскиот премиер Никола Груевски на денешната средба на генералниот секретар на ОН, Бан ки Мун.
И покрај различните идеи, како на пример барање за нов прием на Македонија под уставно име во Обединетите нации, или отворање на нова постапка пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но и на користење на други форми и механизми на Обединетите нации, премиерот Груевски истакна дека негов фокус засега се активности за што е можно побрзо изнаоѓање на решение на овој децениски спор со посредство на Обединетите нации, за што се неопходни волја и одлучност и на Грција, кои засега отсуствуваат, се истакнува во соопштението од Владата.