Регулаторната комисија предлага поскапа струја и парно

Регулаторната комисија за енергетика предлага цената на струјата од 1 август да се зголеми за 9, 83 проценти.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Димитар Петров на денешната прес-конференција рече дека причина за зголемувањето на цената на електричната енергија е доставеното барање од ЕВН Македонија и ЕЛЕМ за зголемување на нивните трошоци во работењето за повеќе од 5 отсто во текот на годинава, а главна причина пак за тоа е зголемените трошоци поради увозот на електрична енергија во зимскиот период.
Во врска со цената на топлинската енергија во Скопје претседателот на РКЕ информира дека предложиле таа за крајните потрошувачи од први август да се зголеми за 3,13 отсто за оние што се приклучени на Топлификација, а 3,75 отсто за Топланата Скопје-Север, додека цената за ЕЛЕМ енергетика останува иста бидејќи воопшто не побарале зголемување.

До крајов на месецов треба да биде донесен и правилникот за топлинска енергија според кој корисниците кои што се исклучиле од системот ќе треба да плаќат 10 отсто од месечната цена од вообичаената цена за греење во колективните згради.

Доколку цел објект се исклучи граѓаните воопшто нема да бидат должни да плаќаат за топлинска енергија.