Бан Ки Мун утре и задутре во Македонија

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Mун за време на посетата во Хрватска.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Mун, во рамки на неговата балканска турнеја утре и задутре ќе престојува во официјалната посета на Македонија. Првиот човек на Светската организација ќе биде придружуван од посредникот на ОН во спорот за името со Грција, Метју Нимиц, поради што се очекува тоа прашање да биде централна тема на разговорите со македонскиот државен врв, се наведува во соопштението од МНР.

Во соопштението стои дека на Бан Ки Мун и на Нимиц ќе им биде повторена решителноста побрзо да се изнајде заедничко решение во врска со спорот за името.

Дводневниот престој во Македонија, Бан Ки-мун го почнува утревечер во Охрид. Според агедната, генералниот секретар на ОН во градот на УНЕСКО ќе разговара со шефот на македонската држава Ѓорге Иванов. Во среда наутро Бан Ки Мун и претседателот Иванов ќе имаат официјална средба, по што ќе следи заедничка прес-конференција. По планираната прошетка низ Охрид, Бан Ки Мун заминува за Скопје каде што ќе се сретне со премиерот Никола Груевски и со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, а ќе има и обраќање пред пратениците во Собранието.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун од Скопје заминува за Босна и Херцеговина, со што ќе ја заврши балканската турнеја во која беа опфатени сите држави од поранешна Југославија.