Министерот Попоски во работна посета на Брисел

Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски од денеска ќе престојува во дводневна работна посета на Брисел, по повод Деветтиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу нашата држава и Европската унија. Според најавите Попоски ќе има и богата агенда на билатерални средби. Покрај разговорите со неколку европски колеги, тој ќе се сретне и со комесарот за проширување на Европската комисија, Штефан Филе. Освен за развојот од Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и Европската унија, како и подготовка за септемвриската посета на Филе на Скопје, двајцата се очекува да разговараат за очекувањата од пристапот на новата Влада на Грција кон решавањето на проблемот со името со Македонија, како и за најавената посета на генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун на Скопје, каде се очекува да дојде со посредникот во преговорите Метју Нимиц.